...

вторник, 6 март 2012 г.

ПЕРВЕРЗНО: Бугарин во грчкиот парламент





Не е случајно тоа што најлутите непријатели на бугарското етничко движење во Грција се Бугари-гркомани.

„Добар ден, момче.“ Гласот на старецот, кој спокојно уживаше во своето кафе во единственото кафуле во селото, ми предизвика насмевка на лицето. Секогаш беше убаво да се чуе бугарскиот во Костурско, Егејска Македонија, откако овој регион претрпе можеби најголем дел од последиците од грчкото етничко чистење по Балканските и Граѓанската војна. Илјадници Бугари беа убиени или протерани, а тие што останаа живееја во теророт создаден од грчките власти, но и од своите сопствени умови.

Тоа беше во Маврово/Маврохори, близу брегот на Костурско Езеро, додека се обидував да го најдам патот до околното село Крпени. Мојата посета беше дел од едно патување по селата во Костурско пред неколку години и јас веќе бев наишол на неколку впечатливи факти при оваа посета. По целиот пат од Преспа до Костур насекаде наидував на притаено бугарско присуство. Во селото Горна Статишта/Ано Мелас две старици прснаа во смеа кога ги прашав за музејот на грчкиот „херој“ Павлос Мелас, кој тука бил убиен од неговите сопствени разбојници, додека во Кономлади/Макрохори веднаш им станав пријател на мажите што седеа на сретсело кога го спомнав напуштеното село Бапчор/Пименико по неговото бугарско име.

Меѓутоа, Маврово беше малку поинакво. Како новинар, јас наидов на информација дека селото е родното место на грчкиот политички ветеран Филипос Пецалникос, кој веќе 30 години работи како пратеник во грчкиот парламент, беше член на неколку влади на ПАСОК и подоцна, во 2009, беше избран за претседател на парламентот. Пецалникос отсекогаш беше силен пропагатор на грчката верзија на историјата во однос на Бугарите во земјата, па пред да пристигнам во неговото родно место, јас претпоставував дека Маврово (како и, на пример, Хрупишта/Аргос Орестико, неколку километри понатаму) ќе биде типичен пример за сменетата демографија карактеристична за селата околу градот Костур.



Но, за мое изненадување, во малото Маврово и во блиското Крепени – кое, за чудо, го има задржано своето бугарско име – речиси сите сѐ уште зборуваа бугарски! Беше потребен само еден освежителен пијалак во кафулето за разговорот да се префрли на најпознатиот син на селото, Пецалникос. Дедо Коле се насмеа: „Тие (Грците) само ја сменија последната буква од неговото презиме (Печалников) и го претворија во грчко. Тука кај нас нештата се крајно едноставни.”

„Значи, тој има бугарско потекло…“, изненадено промрморев јас. „Се разбира дека има. Сите ние имаме бугарско потекло. Единствената разлика е која страна си ја одбрал“, додаде тој. Печалникови главно беа трговци со земјоделски производи, едни од најбогатите семејства во Маврово, село со историја загубена некаде во средниот век. Тодор Симовски, според мене најголемиот син на Егејска Македонија по Мисирков, ги опишува селата Маврово и Крепени во својата легендарна книга „Населените места во Егејска Македонија“ како здружена земјоделска населба со приближно 70 бугарски семејства. Повеќето од овие семејства го напуштиле Крепени во 18 век поради епидемија на чума и се преселиле во Маврово, кое е поблиску до езерото.

Овие демографски факти не се промениле многу по Балканските војни, зашто Маврово никогаш не било некоја важна или многу привлечна локација. По Граѓанската војна таму решиле да живеат само неколку семејства, а бројот на доселениците-Грци дури бил уште помал. Резултат на тоа било село населено главно од Бугари. А Печалникови? „Е па тие ја одбраа грчката страна и не беа единствените. Ним им требаше да можат без проблеми да си ја продолжат трговијата“, продолжи мојот информатор. „Тие имаа доволно пари за да го испратат Филипос во Германија на студии. Кога тој се врати, му се приклучи на ПАСОК и така почна сѐ.“

А што со неговиот мајчин јазик? Повторно бев соочен со горчлива насмевка: „Што мислиш ти? Обата негови родители се родени зборувачи на бугарскиот јазик, тоа е јазикот што тој го слушнал прв и на кој зборувал како дете. Но погледни го сега. Го негира и самото негово постоење.“

Се разбира, Печалников (Пецалникос) не е првиот таков случај. Не е случајно тоа што најлутите непријатели на бугарското етничко движење во Грција се Бугари-гркомани. Поранешниот партиски другар на Пецалникос и министер за надворешни работи Папатемелис од селото Висока/Оса, Солунско, е можеби најистакнатиот пример, но има многу повеќе помали политички личности во Леринско, Воденско и во другите области каде што живеат Бугари. Каква иронија… уште од раниот 20 век Грците ги користеле овие луѓе за да докажат дека луѓето во Егејска Македонија едноставно се Грци со поинаков мајчин јазик. Во пантеонот на грчките национални херои своето место го нашле платените убијци како Вангел од Сребрено, контрадикторните фигури како Коте Христов од Рулја. Исто како што таму си најдоа место Папатемелис, како долгогодишен министер на ПАСОК, кој сега има своја сопствена мала патетична ултранационалистичка партија, и Пецалникос, кој стигна до врвот на грчката политика. Иронијата продолжува, бидејќи пред два месеци тој беше еден од главните кандидати за водач на големата коалициска влада што Грција ја има денес. Замислете Бугарин – па дури и гркоман – како грчки премиер. Е тоа би било нешто…

Но Пецалникос сѐ уште е претседател на грчкиот парламент, ја држи третата најпрестижна политичка позиција во Грција денес. Ова само по себе е интригантна тема за македонските и бугарските медиуми. И само едно едноставно пребарување на Гугл би ја дало основата за една мошне добра приказна. Сепак, јас таква приказна никогаш никаде немам видено. Можеби јас имав преголема среќа што налетав на дедо Коле во Маврово. Но предизвикувањето на среќата е суштински елемент на успешното новинарство. И ова е тоа што му го посакувам на МКД.МК, кој сака да внесе нешто ново и свежо во македонските и бугарските медиуми. Нешто малку среќа и многу новинарство.

Няма коментари: